Сараево-најдобрата светска дестинација за 2025 година
Престижниот магазин „Нешнал географик“ објави дека Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, е прогласен за најдобрата дестинација во светот за 2025 година, според изборот на читателите.

Сараево е на првото место на листата „Најдоброто од светот 2025“, која претставува листа на дестинации што мора да се посетат во наредната година, избрани од истражувачи, фотографи и уредници на „Нешнал географик“.

Овој престижен магазин организираше гласање на страницата на Инстаграм кое траеше до 17 октомври, а главниот град на Босна и Херцеговина доби најмногу гласови.
„Нешнал географик“ наведува дека Сараево продолжува да ги инспирира љубопитните патници од целиот свет и дека не е ни чудо што градот убедливо го добил овогодишниот избор на читателите.

Понатаму во текстот, тие посочуваат дека љубителите на историјата можат да оддадат почит на издржливоста на градот со посета на знаменитости како што е „Тунелот на спасот“.

„Вљубениците во виното можат да ги пробаат познатите локални сорти Жилавка, Блатина или Вранац. Авантуристите можат да одат на рафтинг на река, алпско скијање или планинарење до еден од највеличествените европски водопади“, се вели во препораките на „Нешнал географик“ за посета на Сараево и Босна и Херцеговина.